Петар Андоновски : Лилјана Дирјан – видик во невидено

11.07.2020

Петар Андоновски  

 

                               Лилјана Дирјан – видик во невидено*

 

 

Во 2018 –та, неколку месеци по смртта на Лиле кога Милорад Поповиќ, црногорскиот писатеил и издавач со кого таа ме запозна, ми побара да напишам текст за неа тоа беше најмачниот текст во мојот живот. Со денови пишував и бришев за на крајот едвај да успеам да напишам една страна и неколку реда. Текстот излезе во март истата година во списанието Арс кое го издава Поповиќ. Ниту денес, а неверувам дека воопшто некогаш ќе можам да пишувам за Лиле без емоции. Лиле беше и уште е еден од најважните луѓе во мојот живот. Од неа учев за животот, книжевноста, патувањата, готвењата, љубовта... Лиле отпатува во Индија за да го види Саи Баба, јас не морав да идам толку далеку, мојата учителка Лилјана Дирјан беше во Скопје, не морав да одам во никакво Прашанти Нилајам, Лиле беше во Влае на Иван Цанкар.

Лиле прв пат ја видов во дворот на Државната болница, јас во тоа време живеев на Партеније Зографски и на факултетот одев преку болничкиот двор. Во истиот тој двор, во зградата на Онкологија ја видов последен пат. Неколку месеци по првата средба ја имавме првата комуникација во Магор. Мани Готовац (истата Мани од Мокошица на море, Вагон ресторан) во организација на Независни писатели имаше книжевна вечер. Лиле застана пред мене со огромен подавалник и ме понуди со јадење што самата го имаше направено. Но нашето пријателство започна подоцна. А во меѓувреме продолжив да ѝ ги читам книгите. Најчесто ја читав на Крит. Со Лиле ја делевме љубовта кон островите и Медитеранот. Дури едно време и знаев колку пати се споменува сол во нејзините песни (какви чудни опсесии сум имал!).

Со Лиле пријателството ни започна со нејзините колумни Вагон – ресторан кои таа ги пишуваше во Форум. Беше зима, јас бев последна година на студии и заминав за Крит додека да помине најладното. За разлика од Лиле јас не го сакав снегот, дури подоцна благодарение на неа ќе го засакам. И тој јануари ја прочитав последната колумна Довидување. ,,Догледање до следната средба. Ви благодарам на довербата, среќна доколку и вие некого го израдувавтепоканувајќи го во вашиот Вагон рестора. Како што јас ве поведов на моите патувања низ време и вкусови. Ваша Л.Д.” – и нејзиниот меил. Веднаш и пишав.

 

 

Fri, Jan 22, 2010 at 8:39 PM

 

Draga Liljana,

 

Pred malku go iscitav Vaseto Zbogum,upateno nam,Vasite sopatnici,koi so netrpenie go iscekuvavme cetvrtokot (barem onoj cetvrtok vo koj doagase po nas Vasiot voz). Vasiot voz za prv pat kaj mene pristigna na Krit,koga slicajno(iako ne veruvam vo slucajnosti!),eden broj na Forum najdov vo ormanot na tatko mi. Tamu,na Krit,se kaciv vo Vasiot Vagon-restoran i : So zadovolstvo (i maka!)go pravev onoj marmalad od sipinki,go jadev marmaladot od kajsii i suviot kaskaval na Mirjana Bozin,se greev so kibritceto na Devojceto so kibritcinja, se setav po ulicata na divite kosteni....

Iako veke mi nedostigaat Vasite prikazni,kako edinstvena uteha mi ostanuvaat prikaznite koi imav moznost da gi citam recisi cela godina,i koi vlegoa  kako Kuklata od sol vo mojata memorija,rastopuvajci se vo istata za sekogas........

                                                                                                                         So pocit,

                                                                                                                           Vasiot

                                                                                                              Veren sopatnik

 

 

Sat, Jan 23, 2010 at 6:12 PM

 

Drag Petar,

Vie ne znaete kolku ovoj mig me izraduvavte so vaseto pismo.Koga go pisuvav posledniov tekst ne sakav da gi otvoram fajlovite kade se drugite prethodni patuvanja, i recisi i zaboraviv sto se dosega iznapisav.I vie sega me potsetuvate, osobeno sum trognata sto se sekavate na marmaladot na Mirjana i  za Kuklata od sol.Fala vi od se srce.Vo ova vreme na prazno i pogubno politikanstvo, golemiot brat, milioneri koi toa sakaat da bidat a neznaat nisto, sakav da pisuvam za nesta sto me pravele bogata vo sekoja smisla. I na nekoj nacin da gi zadrzam vo memorijata tie iskustva.Sega po reakciite (vcera i denes)cuvstvuvam deka toa bilo dobro.Sum imala cel voz privrzanici. I zatoa sum srekna, dodusa malkucka i  tazna, zatoa  sto toa za nekoe vreme se prekinuva. Za da se utesam , vcera bev vo knizarnica.I vo  kupot knigi  blesna pred ocite naslovot:" Buducnost nostalgije", od Svetlana Bojm (Geopoetika, Belgrad, 2005) i sega uzivam vo ovaa cudesno  obrabotena nostalgija. koja se vika i Petrograd i  Brodski i,Nabokov i tn.

 

Se nadevam dekaVagonot ke go dopisam ,(iako vaka polesno se dopisuvase), i vi vetuvam ,da sme zivi i zdravi , ako vidi bel den, ke vi ja podaramna promocijata. .A bi sakala i nesto vkusno i neobicno da vi zgotvam, ako  moite tendjercinja stanat volshebni , ako mozat da se zgolemat za da ima "za site".

Vi posakuvam mnogu uzivancii, kritovi, gradovi, ljubovi... Imajte dobar vetar za vasiot brod...

Liljana Dirjan

 

Денеска е празник за нашето пријателство. Денеска колумните ,,видоа бел ден”. Денеска излезе од печат Вагон ресторан, Полица, 2020.

Патувај и готви Лиле, каде и да си.

 

*Насловот е од нејзиниот патопис Саи Баба – видик во невидливото, Саѓe врз снегот, Независни писатели на Македонија, 2007